Ревијално џип рели „Калин Камен“

Околу 500 лица со над 120 возила учествуваа на ревијалното џип рели „Калин Камен“, кое годинава се одржа по третпат, под мотото „Да ги запознаеме убавините на Осоговските Планини“. Оваа манифестација, е востановена во чест на словенските просветители „Свети Кирил и Методиј“, по иницијатива на градоначалникот Арсенчо Алексовски, а ја организираат Авто мото клубот „Оф роуд Осогово“ и локалната самоуправа.

Годинава, на релито учествуваа голем број авто мото клубови и авто куќи од земјава и од Србија, претставници од Амбасадите на Чешка и Франција, на Мировниот корпус во Македонија и други гости. Меѓу редовните учесници беа авто мото клубовите „Плачковица“ од Штип, „Мариово“, „Сан сити“ од Сопиште, „Осоговски возачи“ од Кочани, и други, а за првпат учество зедоа  и клубовите „Сафари“ и „Теле-електро“ од Ниш. Посебни гости, пак, беа претставници од збратимениот град Вршац.

Авантуристите и вљубениците во природата возеа низ атрактивна и возбудлива патека, долга 64 км, запознавајќи ги неоткриените убавини, природни и културно-историски знаменитости на Осоговието.

-Целта на оваа манифестација е да се промовираат туристичките потенцијали на Осоговскиот регион, кој нуди извонредни можности за вакви спортски и други настани. Калинкаменското рели е најмасовно рели од овој вид во земјава, а од оваа година се промовира и неговиот меѓународен карактер, што е од особено значење за нашата општина, истакна градоначалникот Алексовски.

Посебна атракција на целиот настан преставува заедничката средба на Царев Врв, висок 2085 метри, каде редовно пристигнува и групата рели возачи од Кочани, Македонска Каменица, Пробиштип и другите градови од овој регион, предводена токму од нивните градоначалници.

Манифестацијата заврши со заедничко дружење на Калин Камен и во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“.

Фотографиите од настанот се во делот фотогалерија.