Заврши овогодинешното издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“

Заврши овогодинешното 14-то издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ Крива Паланка.

На трите фестивалски вечери учествуваа фолклорни ансамбли од Турција, Србија, Бугарија, Северен Кипар и Македонија, кои на кривопланчани им приредија богатство од музика, песни и игра, карактеристични за фолклорното поднебје од земјата од која доаѓаат.

Организатор на фестивалот  беше Општина Крива Паланка со поддршка на Министерството за култура, и на институциите од областа на културата, а под генерално покровителство на ,,Булмак“  рудници Тораница.

– Преголема е честа да се биде домаќин на седумнаесет фолклорни-културни амбасадори на пет држави. Благодарен сум на секој учесник, на сите ансамбли и друштва кои го збогатија и направија овој фестивал нешто што ќе се памети. А покрај одличните, според мене импресивни настапи, сигурен сум дека гостите ќе понесат од Крива Паланка и добри спомени и трајни пријателства, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Сите ансамбли  добија општински плакети и благодарници за учество на фолклорниот фестивал.

Трите фестивалски вечери ја навестија празничната атмосфера во општината, која следува по фестивалот со празнувањата на двата големи празници, Успение на Пресвета Богородица и празникот на светецот-закрилник на градот Свети Јоаким Осоговски, како и вечерашниот концерт на Јелена Томашевиќ и настапот на Димитар Андоновки и ,,Тајфата“.