Лариса Жулина – Митовски најуспешен просветен работник во оваа учебна година во Крива Паланка

Добриот наставник е како свеќа, се троши самиот себеси, осветлувајќи го патот на останатите околу себе. Бидете горди на тоа што сте и на хуманата професија која ја вршите, рече градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски на синоќашното обраќање по повод Денот на просветителите на Свечената академија во Центарот за кулутра.
На манифестацијата која првпат се воведува оваа година, беше доделено признанието најуспешен просветен работник во општина Крива Паланка во учебната 2017/18 година.
-Наставникот говори најгласно кога  е тивок и кога внимателно слуша, неговиот најголем дар е што тој е подготвен со полна почит да учи од своите ученици, материјалното богатство не е негова цел- богатството го наоѓа во барањето на нови можности неговите ученици да го искористат својот талент во постојано откривање на нивните индивидуални таленти и тоа не во кој било, туку токму во оние ученици кои имаат недоволно самодоверба, рече во обраќањето градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Најуспешнито просветен работник беше прогласен откако според пропишани критериуми и квалификации Комисијата одбра петмина наставници кои претходно поднеле апликации за конкурсот.
Во конкуренција за најдобар просветен работник на територијата на oпштина Крива Паланка за учебна 2017/2018 беа: Елена Николовска, наставник по француски јазик, ООУ Јоаким Крчовски, Лариса Жулина Митовски, наставник по музичко образование, ООУ Јоаким Крчовски, Сашка Младеновска, професор по француски јазик, СОУ Ѓорче Петров, Даница Крстевска, наставник по техничко образование, ООУ Илинден и Дане Петровски, професор по предмети од угостителско-туристичка струка, СОУ Ѓорче Петров.
По ова, комисијата согласно бројните наведени критериуми, со земени предвид и мислења од совет на родители и наставнички совет, како и поседување сертификати и учества на проекти и семинари значајни за наставниот процес, како и по спроведеното онлајн-гласање, пристапи кон комплетно  бодирање.
Признанието најуспешен просветен работник во Крива Паланка и припадна на Лариса Жулина-Митовски,  прв добитник на плакетата за најуспешен просветен работник во општината.
-Ова е само еден мал дел со којшто ние како локална самоуправа ќе оддадеме почит на делото на секој просветен работник, поттикнувајќи ги сите работници во образованието да се стремат да го направат столбот на едно општество, а тоа е образованието, на многу повисоко ниво од она што е сега во моментот.  Ако столбот на ова општество е образованието, рече Мицевски, обраќајки се на просветниет работници –  тогаш просветните работници се ср’жта на тој столб.
Лариса-Жулина Митовски е професор по музичко образование во ООу „Јоаким Крчовски“, со освоени бројни меѓународни признанија и награди на бројините интернационални и национални натпревари по класична музика и натпревари за училишни оркестри, а од неодамна под нејзина раководна палка е и градскиот оркестар во Крива Паланка „Алегро“.
Таа упати благодарност до сите кои беа вклучени во изборот за најуспешен просветен работник,  со особена благодарност на иницијаторот за доделување на ова високо признание-градоначалникот, советот на родители, наставничкиот совет и учениците.
-Ова признание им го посветувам на сите мои ученици, кои досега минаа низ мојата наставничка работа, работа која ме прави горда, среќна, а со нив и успешна, истакна Жулина –Митовски.
Академијата се одржа со богата свечена, музичко-сценска програма, на која настапија: камерно трио „Пламенка Трајковска“, балетско студио „Денс-мак“, Куманово, хорот при ООУ „Јоаким Крчовски“ во придружба на флејта од проф.Љупчо Тренчовски, актерката Елизабета Стефановска со монолог посветен на словенските браќа, ученици со поетски творби посветени на наставниците и младите актери од кривопалнечката гимназија.