Словенечки планинари го посетија Осогово

Деновиве, Осоговските Планини беа посетени од група словенечки планинари. Четиринаесет-члената група составена од искусни професионалци, спортисти, планинари и јавни личности од сите делови на Словенија за прослава на својот десегодишен јубилеј во успешното освојување на планинските врвови ширум светот ја одбра Македонија.

Огранизацијата на патешествието, обезбедувањето водач за турно-скијање, како и изборот на природните реткости и туристичките атракции во регионот му беше доверено на Стојанче Величковски, (www.planinarenje.org) лиценциран планинарски водач  од Крива Паланка.

(Повеќе фотографии во делот фотогалерија)

Словенците имаа прилика да се возат со кајче по кањонот на Матка, потоа,  се искачија со турно скии на Титов Врв, скијаа на Маврово, прошетаа покрај Охридското Езеро го освоија Пелистер, се запознаа со Тиквешкиот винарски регион, а попатно го посетија градот на текстилот – Штип.

Во Општината Крива Паланка, престојуваа  два дена,  ноќеваа во прекрасниот амбиент на манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски, од каде што го посетија туристичкиот локалитет Калин Камен, ја видоа глетката на полу-замрзанатото езеро, ги ислушаа легендите и преданијата, но за жал имаа ретка можност само на одредени делници од Калин Камен кон Царев Врв да ги употребат скиите.

Гостите ги вкусија традиционалните специјалитети,  ја дегустираа манастирската ракија. Последниот ден, по појадокот во Крива Планка, на дел од гостите копаничарот Раде Костовски им ги презентираше тајните на изработка на македонската резба, за да потоа се продолжи со посета на  Кратово.

По разгледувањето на ендемските борови, музејот за карпеста уметност,  древните кули и мостови имаа прилика да го дегустираат кратовското вино. Сериозно оштетениот мост од неодмнешните поплави не ги поколеба љубопитните словенци да ја видата сцената од Скаменетата свадба во Куклица.

На крајот, на зелениот пазар во Куманово … пред одење на својата дежела, за себе и за своите блиски,  гостите ја искористија приликата да  земат барем малку од вкусот на Македонија, нешто ајвар, сирење, вино, тетовски грав, ресенски јаболки, кочански ориз, домашен лук…

Останаа многу работи невидени, некако само по себе се наметна идејата за потамошна соработка… можеби токму оваа неофицијална посета на градоначалникот на општината Језерско ќе биде поттик за размена на искуства и соработка со својот колега од Крива Паланка и за соработка на овие две погранични општини.

Ако треба да се почитуваат гостите исто како и нивните пораки, тогаш оваа група во Музејот во Кратово меѓу другото запиша … Македонија е бисер на природата…чувајте ја!