Ослободување од комуналии за нови вработувања

Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, поведе иницијатива за целосно ослободување од давачките за комуналии за сите инвеститори што ќе изградат индустриски капацитети и ќе вработат повеќе од 25 лица. Целта е да се привлечат нови инвестиции во општината, кои ќе обезбедат нови вработувања и позитивни економски ефекти.

– Се надевам дека мојот предлог ќе го поддржат и позицијата и опозицијата во Советот на Општината. Ослободувањето од трошоците за комуналии оди во прилог на привлекување инвеститори, кои ќе изградат нови производствени капацитети. Оваа поволна мерка ја предлагам во функција на намалување на енормната невработеност во општината – вели Алексовски.
Во новиот детален урбанистички план, кој е во фаза на изработка, би требало да бидат предвидени нови локации на некогашната индустриска зона, преку парцелизирање на слободните површини во површини каде што би биле сместени новите објекти.
– Се надеваме дека инвеститорите ќе пројават интерес и во рамките на обезбедувањето поволности ќе се отворат можности за нови вработувања. Ова подрачје е интересно не само за домашните, туку и за странските инвеститори поради атрактивната локација во близина на границата со Бугарија, која е и порта кон ЕУ- вели Алексовски.

Извор: Дневник