Хуманитарен новогодишен базар во ООУ „Илинден“

Собирајќи средства од продажбата на изработки и формирајќи голема елка накитена со монети, учениците од основното општинско училиште „Илинден“ од Крива Паланка под менторство на одговорните наставници подготвија голем новогодишен хуманитарен базар на кој се собираа средства за набавка на техничка опрема.

Во базарот се вклучија ученици со нивните родители и учители, кои им помогнаа да бидат подготвени разни изработки со новогодишни мотиви.

-Одзивот на јавноста е огромен и ние сме изненадени колку детската хуманост може да биде голема, колку интерес пројавија и самите ученици во ангажирање за подготовка на целиот настан. Изработките беа поставени на одделни штандови за сите одделнија од прво до деветто, а на средината на холот сите ја накитија елката со монети, со што дополнително допринесоа за успешноста на настанот, рече директорката на ООУ „Илинден“, Крива Паланка, Марица Николовска.

Посочи дека собранитe средства ќе се  наменат за купување копир за потребите на училиштето, а постојниот, посочи,  е нефункционален.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, директорите на воспитно-образовните институции oд градот,  на јавните претпријатија и други, кои дадоа свој допринос во акцијата, купувајќи новогодишни изработки.