Европски пари ќе го исчистат североистокот

Општините од Североисточниот плански регион очекуваат со поддршка од фондовите на ЕУ што поскоро да го решат проблемот со складирање на комуналниот смет преку изградба на модерна регионална депонија. Овој регион, како и Источниот, веќе има поддршка од ИПА за зајакнување на административните капацитети на национално и локално ниво и за усогласување на домашното со европското законодавството за управување со отпад, што се реализира преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Веќе се почнати првичните активности од проектот за јакнење на капацитетите и за приспособување на законодавната регулатива, како на национално ниво, така и од страна на локалните самоуправи од регионот, кои потпишаа меморандум за соработка и формираа Регионално претпријатие за управување со отпадот. Понатаму ќе следува изработката на регионален план за управувањето со отпадот, а во третата фаза ревизија на физибилити-студијата за регионална депонија, изработка на потребната техничка документација и финансиската конструкција, за на крајот да следува изработка на ИПА-апликацијата со која ќе се бараат средства за изградба на модерна фабрика за отпад – вели директорот на Центарот за развој на Североисточниот плански регион, Младен Протиќ.

Со овој проект, општините Крива Паланка, Куманово, Ранковце, Кратово, Старо Нагоричане и Липково очекуваат не само да го решат проблемот со веќе максимално искористените капацитети на локалните депонии туку и да обезбедат складирање на отпадот според европски стандарди. Целта е, покрај депонирањето, да се обезбеди и максимално искористување и намалување на отпадот од домаќинствата преку селектирање, рециклирање, биокомпостирање и слично. Според сегашните процени, се очекува намалување на отпадот од домаќинствата за околу 40 проценти, што треба да биде потврдено со анализите кои допрва ќе бидат направени.

– Регионалната депонија нема да служи само за класично одлагање на отпадот, туку ќе биде модерна фабрика, која според согледувањата на Министерството за животна средина нема да зафаќа повеќе од еден до 2 хектара површина. Функционирањето, пак, ќе биде усогласено со потребните стандарди за зачувување на еколошката средина и безбедно одлагање на отпадот – истакнува Протиќ.

Некои општини, меѓу кои и Крива Паланка, веќе имаат донесено и локални планови и програми за управување со отпадот, а останатите работат на нив. Врз нивна основа, како и според искуствата од европските земји и помошта од странски експерти, ќе се утврди најдобриот модел за изработка на регионалниот план за соодветно третирање на отпадот.

Иако ова е обемен и долгорочен проект, општините очекуваат негова што побрза и непречена реализација, затоа што сегашните депонии се со веќе истрошен век на експлоатација и се соочуваат со големи проблеми околу складирањето на отпадот. Тие повеќе наликуваат на диви ѓубришта, обично на несоодветни локации, кои ја загрозуваат околината и им предизвикуваат штети на населението и на општините. Депонијата во Крива Паланка се наоѓа веднаш до меѓународниот пат и до Крива Река. Пред 7 години беше извршена санација, но со последните поплави истата е нарушена и потребна е повторна интервенција.

– Векот за експлоатација на депонијата е во завршна фаза. Очекуваме решение со изградба на регионалната депонија. Во спротивно, ќе бидеме принудени да бараме нова локација во општината – вели градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст