Гоце Ристовски, лауреат на IX Меѓународен театарски фестивал Свети Јоаким Осоговски

Македонскиот писател, новинар, литературен и театарски критичар е лауреат на Деветтиот Интернационален театарски фестивал Свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка. Признанието за особен придонес во македонската театарска уметност и култура му беше доделено синоќа, во рамки на третата фестивалска вечер.

Ристовски пред Кривопаланечката јавност, на сцената на Национална установа Центар за култура, во неговиот роден град, рече дека иако во животот добил и други признанија и награди, на фестивали и манифестации, овдешната, му е особено драга и му го грее срцето.

– Возбудата овој пат е многу голема зашто станува збор за мојата Крива Паланка, мојот град којшто сеуште го носам во срцето онака како што го доживувам и во детството и во младоста. Крива Паланка е сеуште моја инспирација, и во театарското и воопшто во целото литературно творештво, изјави Ристовски.

Манастирот Св.Јоаким Осоговски е една светла точка и инспирација во неговото, театарско, научно и литературно творештво, вели Ристовски, а еден дел од неговиот прв роман „Се е гола вода мој Ѓоргија“ се случува токму во овој манастир.

– Токму затоа сосема искрено велам дека е голема чест за мене што токму во деветиот месец, на деветиот фестивал сум овенчан со ова признание и вечерва се прикажа, по коинциденција, и мојата претстава „Деветка“, во изведба на Народен театар Нови Сад, Србија. Среќен сум што фестивалот е веќе реномиран и препознатлива точка на културната мапа на Балканот и е една идеја која одлично прогресира. Фестивалот си има свој белег и е еден од ретките фестивали со ревијален карактер, нема актерски награди и тоа му ја дава препознатливата опуштена и релаксирана атмосфера кои се огледаат и во задоволството на публиката, но и на актерите-учесници, додаде Ристовски.

[embpicasa id=”6467023724621238417″]

 

 

 

Големина на фонт
Контраст