Манифестацијата „Велигденска традиција“ по четврти пат во Крива Паланка

На 18.04.2017, трет ден Велигден, пред платото на Кривопаланечкиот музеј  се одржа традиционалната манифестација „Велигденска традиција“, која по четврти пат ја организираат локалната установа Градски музеј и општина Крива Паланка.

Манифестацијата е посветена на велигденските обичаи и традицијата поврзана со чествувањето на големиот христијански празник Велигден и има цел зачувувања на традиционалните вредности и надополнување на Велигденските празнувања. Пред музејот  владееше вистинска празнична атмосфера со велигденска трпеза на која се дегустираа слатки и солени специјалитети од овој крај, а  беа изложени велигденски изработки и украсени велигденски јајца, приготвени од учесниците од најразлична возраст.

Настанот има натпреварувачки карактер, а доделени се награди за најубаво украсено велигденско јајце, најубава рачно изработена декорација со велигденски мотиви и за победникот во натпреварот за најцврсто јајце.

Присутните имаа можност да ги дегустираат специјалитетите кои како и декорациите се продаваа по симболична сума, а средствата се наменети за хуманитарни цели.