Свечена академија по повод 70 години јубилеј од постоењето на општинската органзација на Црвениот Крст

На 12 јуни 2015 година во НУ Центар за култура Крива Паланка се одбележа 70 годишнината од постоењето на ОО на Црвениот Крст Крива Паланка.На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Крива Паланка Арсенчо Алексовски, генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Македонија Саит Саити, претседателот на ОО на Црвениот Крст Жаклина Цветковска, претставници од локалните самоуправи на Општина Крива Паланка и Општина Ранковце, претставници на различни институции, компании, голем број истакнати членови и помагачи.

На академијата низ видео презентација беше прикажано 70 годишното опстојување и развој кои допринеле до сегашното ниво на функционирање на организацијата.

Во своето пригодно обраќање градоначалникот Арсенчо Алексовски истакна дека е горд на заедничкото чекорење на Црвениот Крст и на општината Крива Паланка, заедничкото решавање на проблемите и заедничката прослава на 70 годишното постоење, како и подготвеноста за подржување на значајните проекти на организацијата за помош на најранливите категории на граѓани. Генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Македонија Саит Саити се осврна на хуманоста, мотивацијата, непристрасноста засновани на волонтерската служба насочени кон солидарноста, а претседателот на ОО на Црвениот Крст Жаклина Цветковска се осврна на 70 годишната посветеност во дејствувањето на семејството на Црвениот Крст со продолжување на мисијата на Црвениот Крст.

Републички јубилејни награди и признанија беа доделени на Општина Крива Паланка и на клубот на пензионери „Достоинствен живот“, а јубилејни благодарници за соработка на повеќе институции и организации ,СОУ Ѓорче Петров и на основните училишта Јоаким Крчовски и Илинден од Крива Паланка и Христијан Тодоровски Карпош од Ранковце , Меѓуопштински центар за социјална работа Крива Паланка, Институт за трансфузиона медицина Скопје, ТППЕ Крива Паланка, Орион Комерц, Центар за возила, Клуб на млади при Црвен Крст, како и на поединци, Слободанка Младеновска, Свете Милановски, Јане Денковски, Љупо Николовски и Славица Ристовска.

На настанот беше промовирана монографијата 70 години општинска организација на Црвениот Крст Крива Паланка подготвена од долгогодишниот секретар на ОО Црвен Крст Анка Стојановска.