Завршна активност од проектот на ОО Црвен крст „Природата се менува – се менуваме и ние“

Општинската организација на Црвен крст од Крива Паланка денес организираше настан по повод завршните активности од проектот „Природата се менува – се менуваме и ние“, чија реализација беше финасирана со средства од Буџетот на Општина Крива Паланка, предвидени во Програмата за помош и поддршка на здруженија и фондации.

На настанот беа презентирани спроведените активности, преку видео материјал, како и научените лекции за менаџирање со вишокот на храна.

Како дел од настанот беше предвидена и дистрибуција на хуманитарни пакети, средства за хигиена и храна, до социјално загрозените семејства и стари и изнемоштени лица. Храната беше приготвена и спакувана од страна на младите волонтери вклучени во проектот, а во соработка со пензионерите – членови на Клубот „Достоинствен живот“.

-Честитки за иницијативите на Црвен крст, придонесот на овие млади волонтери и искусните повозрасни членови на клубот. Верувам дека ангажманот на сите нас треба да биде проактивен и да бидеме општествено одговорни. Ние како општина доделуваме средства и пружаме поддршка на вакви активности, изјави градоначалникот Мицевски.

Главна цел на овој проект е создавање на локален оджлив систем за искористување на храна во насока на подобрување на условите за живот на социјално загрозени граѓани на територијата на општина Крива Паланка.

За реализација на целите на овој проект, Општинскта организација на Црвен крст организираше бројни активности меѓу кои започнување на  пилот проект за редистрибуција на храна до социјално загрозените граѓани во општините Крива Паланка како и  заедничко подготвување на оброци каде млади волонтери  приготвуваа  заеднички оброци во домаќинствата на пензионерките-членки на Клубот „Достоинствен живот“.

Со планираната акција, од една страна ќе ја зголемиме употребливоста на храната и искористувањето на вишоците преку нивна прераспределба и редистрибуција на социјално загрозените лица, со што ќе ги подобриме нивните услови за основна исхрана. Од друга страна,  ќе ја зголемиме свеста на домаќинствата за хуманост и споделување на вишоците на храна со оние на кои им е најпотребна, а со тоа ќе ја зајакнеме и  свеста за општокорисна и доброволна работа и демократизација на општеството. Вклучувајќи ги и младите во синџирот на дистрибуција на храна, и кај нив ќе ја зголемиме свеста за хуманитарна и волонтерска работа, но и за културните и традиционални вредности во општеството и во локалната заедница, изјави секретарот на ОО Црвен крст, Дарко Пешевски.

 

Големина на фонт
Контраст