Амбасадорот Кристијан Тимоние прогласен за почесен граѓанин на Општина Крива Паланка

На свечена академија која се оджа вчера во НУ Центар за култура Крива Паланка, по повод Денот на ослободување на градот, Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија е прогласен за почесен граѓанин на Крива Паланка.

Признанието на амбасадорот Тимоние му беше врачено во знак на благодарност на граѓаните на Крива Паланка за повеќегодишната соработка помеѓу Општината и Амбасадата на Франција и за неговото лично залагање и посветеност во продлабочувањето на оваа соработка.

– Ова признание за мене има тројно значење: меѓународно, билатерално и лично. Интернационално затоа што вашата општина и земја даваат голем придонес во големата Меѓународна организација на франкофонијата, чијашто членка е државата од 2006 година, а тука се промовираат вредностите на човекови права и слободи.  Билатерално, бидејќи Франција ја поддржува Република Северна Македонија од независноста до денес на патот кој води до европските и евроатланските структури, а иницијативите на нашиот претседател (Емануел)  Макрон ние ги реализираме како политики и ги спроведуваме на Балканот, за интеграција во ЕУ, за достигнување повисоки стандарди на вашите институции. И на личен план, многу ми значи што имав среќа да бидам амбасадор во убава земја од која се очекуваат чуда, да погледаме кон иднината и да се мобилизираат што повеќе таленти. Посакувам Република Северна Македонија што поскоро да го добие своето место во европското семејство, а јас следниот пат кога ќе дојдам во Крива Паланка, навистина, мои сограѓани, ќе се чувствувам како дома, рече Тимоние.