Пуштени во употреба ново адаптирани простории во градинката „Детелинка“

Денес, во присуство на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорката на Фондација Отворено општество Фани Каранфиловска Пановска, беа пуштени во употреба ново адаптираните простории во детската градинка  „Детелинка“ во  Крива Паланка.  На свеченоста покрај вработените и дечињата кои приредија скромен дочек со културна програма, присутвуваа и градоначалникот Борјанчо Мицевски, претседателот на Совет Изабела Павловска, советници од  Совет на општина Крива Паланка, директори и   раководители на локални институции.

Активностите се спроведени во рамки на повикот  за финансирање на проекти за изградба, доградба, адаптација и опремување на објекти за проширување на капацитетите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст со средства од Буџетот на Министерството  за труд и социјална политика.

Целосно се реконструирани и адаптирани две постоечки простории  во две занимални  со комплетна замена на столарија и  целосна опрема- мебел (масички, столчиња, шкафчиња, креветчиња, играчки и други потребни предмети) со што се проширува капацитетот за 40 деца. Направена е и  комплетна реконструкција и доизградба на санитарни јазли со што се подобрени хигиенските услови.

Проектот е финансиран од страна на Фондацијата Отворено општество-Македонија, а  врз основа на Договорот склучен помеѓу Министерството за труд и социјална политика, Фондацијата Отворено општество -Македонија и Општина Крива Паланка.

Градоначалникот Мицевски во своето обраќање истакна дека Општината секојдневно работи на подобрување на условите за сместување на дечињата во предучилишните установи и дека оваа година покрај овој грант од МТСП и ФООМ обезбедени се околу 93 000$ преку УНОПС за замена на фасада и столарија во истиот објект и  околу 7.000.000 денари од сопствени извори за промена на кровната конструкција. Исто така во тек е финалната фаза од подготовката на проектот  за доградба на нов кат и реконструкција на објектот на градинката „Детелинка“ во централното градско подрачје.