Во Крива Паланка одбележан Денот на планетата Земја

Денес во Крива Паланка е  одбележан Денот на планетата Земја  со засадување на декоративни садници и цвеќиња долж минор коритото на Крива Река.

Претставници на општинската администрација заедно со вработените од ЈП „Комуналец“, како и учениците со дел од наставниот кадар од ООУ „Јоаким Крчовски“, активно се вклучија во денешната акција за симболично одбележување на Денот на планетата Земја и засадија декоративни садници и цвеќиња долж пешачката патеката во минор коритото од Крива Река.

Декоративните садници и цвеќиња беа засадени  како симбол за живот и здрава животна средина која е неопходен услов за опстанок на сите генерации.

Целта на овој настан е подигнување на свеста кај луѓето за чување на планетата Земја, заштита на животната средина и почиста околина, со што општина Крива Паланка се вклучи  во глобалното одбележување на овој ден,  заедно со повеќе од милијарда луѓе и организации низ целиот свет.

Денот на планетата Земја се одбележува во повеќе од 193 држави, за прв пат  беше одбележан во 1970 година во САД со демонстрација против загадувањето и токсичниот отпад.