Министрите Филипче и Николовски во посета на Крива Паланка и кривопаланечката болница

Министерот за здравство д-р Венко Филипче и министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска беа во работна посета на кривопаланечката болница, каде одржаа работна средба со директорот на Здравствениoт дом, д-р Бранко Стаменковски.

Во текот на посетата се разговараше за предизвиците и проблемите со кои се соочува оваa јавна здравствена установа и се истакнаа приоритетите за решавање на актуелните проблеми со недостиг на опрема и медицински кадар, како и за конкретните мерки за унапредување и подобрување на здравствените услуги за сите граѓани.

Во рамки на посетата министерот Филипче ја најави набавката на нов мамограф и нов ехо апарат, како и ново возило за санитетски транспорт, а се  со цел подобрување на нивото и квалитетот на здравствената заштита.

На средбата се разговараше и за потребата од млад медицински кадар и за тоа колку млади доктори ќе бидат примени во овој здравствен дом со новата владина мерка, согласно Законот за здравствена заштита.

Посетата на Крива Паланка, министерот Филипче ја оствари заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на иницијатива на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој разговараше со двајцата министри за крупните проекти предвидени за реализација во општината во претстојниот период.