Во Крива Паланка се oдбележа денот без автомобили -Комбинирај и движи се

По повод Европската недела на мобилност, Општина Крива Паланка во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, се вклучи во настанот „Комбинирај и движи се“ со активности што се преземаат за заштита на животната средина и на природата.

Овој ден (21.09.2018 г.) општина Крива Паланка го обележа како Ден без автомобили, кога традиционално кај нас и во светот, се затвора сообраќајот на една или повеќе фреквентни сообраќајници и истите се резервираат за велосипедисти, пешаци или за јавниот транспорт. Целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.

Европската недела на мобилност се одржува секоја година од 16 до 22 септември, а оваа година во општина Крива Паланка за активностите по повод овој ден без автомобили, се пријавија околу 220 учесници од невладиниот сектор, општинските училишта, институциите и граѓаните.  Во градскиот парк истовремено имаше интерактивни игри со велосипед, а беа вклучени и ликовните секции од училиштата.

Европската недела на мобилност првпат беше иницирана во Франција  во 1998 година, а во Македонија официјалното одбележување започна во 2001 година.