Промовирана книгата „Историја на спортот во Крива Паланка 1912-2018“

„Историја на спортот во Крива Паланка 1912-2018“ од д-р Јордан Михајловски е новата спортска монографија на Крива Паланка која  беше промовирана во сабота во спортската сала „Партизан“ на основно училиште Јоаким Крчовски.

Книгата е објавена во соработка со здружение Регионален центар за одржлив развој „ЕГРИ“.

Монографијата се печатеше  во рамки на проектот „Создавање на услови за институциски развој на спортот во Крива Паланка“ кој се имплементира како подгрант на проектот „Подобрување на активната вклученост на Македонските граѓански организации во процесот на донесување на одлуки преку зајакнување на новооснованите граѓански организации“, што го имплементира Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, финансиски подржан од ЕУ.

– Активно ги поддржуваме спортските клубови да може што повеќе спортисти да се самореализираат како амбасадори на општината. Општината е таа која треба да го поддржи спортот и како резултат на поддршката договорено е да се регистрира клуб пинг-понг кој ќе се натпреварува во прва лига, Кошаркарски клуб „Крива Паланка“ веќе пријави женска екипа во прва лига –жени при МКФ, како и бројни младински екипи, ја донесовме ракометната школа „Металург“, инициравем формирање на шаховски клуб. Ќе продолжиме и во иднина што повеќе да го поддржуваме спортот рече градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Антонио Давитковски од „ЕГРИ“ истакна дека покрај оваа книга, со проектот „Создавање на услови за институциски развој на спортот во Крива Паланка“ ќе биде формирана општинска асоцијација на спортови во Крива Паланка, ќе се одржат и обуки за клубовите за подготовка на  проекти, за нивен поголем развој и унапредување и предвиден е  состанок со бизнис- секторот за поттикнување на поголема поддршка на спортот.

-Оваа сала во која сме денес е пантеон на спортот во градот, сала во која се родиле сите љубопитства кон спортот, и истата носи посебна симболика. Во книгата, скромно издание наспрема величината на спортот во градот, се поместени и 109 фотографии кои го илустрираат сето запишано и посведочено. Првата организирана спортска активност во Крива Паланка започнала во 1912 година, така што до денес е 106 години од прва организирана спортска активност, 95 години од донесувањето на првата фудбалска топка во градот и 86 години од основање на првиот фудбалски клуб „Осогово“. Тоа се датуми кои треба да не мотивираат. Ние добро знаеме кои се велесилите во економијата, но спортот е единствена сила која може високо да ги воздигне сите народи во универзумот на спортот и сите да им се восхитуват, рече проф. д-р Јордан Михајловски, автор на книгата.

Според него, во книгата е содржан материјал кој благодарение на рецензентите, професорите по физичка кулутра, Бранко Илиевски и Љубомир Ѓоргиовски, е достапен и може да им користи на идните студенти по физико образование, но и да им биде завет на дејците од областа на спортот, да прават годишни извештаи, да ги документираат и архивираат во музејот од градот.