Во Крива Пaланка отворена „Металург“ школа за ракомет

Во спортската сала „Пеар Поп Арсов“, Крива Паланка, денес беше отворена ракометна школа на академијата „Металург“, 27 школа по ред во земјава на академијата со што е возобновена традицијата на ракометот во Крива Паланка по еднодецениска пауза.

-Ракометот имаше традиција во Крива Паланка, а во 80-те години на минатиот век постоеше шампионски тим којшто достигна пласман и во втората ракометна лига, но поради немањето услови за настап во повисокиот ранг, не продолжи со натпревари. Потоа, во деведесеттите години група ентузијасти ја обнови ракометната спортска традиција, која сепак имаше застој, за да денес, на задоволство на сите, повторно младите од градот добијат можност да тренираат ракомет со школата која со помош на академија „Металург“ ја востановуваме. Водејќи се од мотото – во здраво тело, здрав дух, посакувам младите кои пројавија интерес да тренираат ракомет да бидат идните репрезенти на грaдот во национални и меѓународни рамки, истакна градоначалникoт на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Тренинзите ќе се реализираат два пати неделно, а ќе ги спроведуваат тренерите Оливер Златковски и Горан Цоневски.

Директорот на ракометната академија „Металург“ Тони Ристески, рече дека со големо задоволство ја прифатил поканата да се отвори школа во градот.

-Чест ми е да ја прошириме академијата со уште една школа, 27-ма во 10 градови во Македонија, а со истата да ја продолжиме и традицијата на „Партизан“, Крива Паланка. Верувам дека школата ќе има голем успех и дека набрзо ќе се инкорпорира во нашата академија така што во иднина ќе очекуваме ракометари од овој град да го носат националниот дрес почнувајќи од пионерска до сениорска селекција, рече Ристески.

Академијата на „Металург“ е форимирана во 2003 година и може да се гордее со својата типична школа која даде 100-тина репрезентативци во разни категории, кои редовно освојуваат најголем број титули во домашното ракометно првенство.

https://rkmetalurg.mk/fotogalerija-od-otvoranjeto-na-rakometnata-shkola-na-metalurg-vo-kriva-palanka/

 

Големина на фонт
Контраст