Градоначалникот Мицевски оствари средба со работниците од Веибо Груп

Градоначалникот Борјанчо Мицевски денеска се обрати пред вработените во ВЕИБО ГРУП, кои имаа најавено мирен протест  поради неколкумесечна неисплата на нивниот загарантиран личен доход.

„Незадоволството и револтот кон одговорните од оваа компанија поради неколку месечното работење без плата и надоместоци е сосема оправдано и јас како градоначалник и прв човек на општината лично се заложив за изнаоѓање на начини за што побрзо и полесно решавање на вашиот горлив проблем, како и низата проблеми што произлегуваат од несовесното и нечесно работење на оваа компанија. Во насока на решавање на овој конкретен проблем на нашите сограѓани,  ние како општина  веднаш преземавме мерки и констатиравме  низа на неправилности и манипулации во текот на работењето на ВЕИБО ГРУП, а самата надлежност за повредата на работничките права е во ингеренција на други државни институции и органи“, изјави пред присутните градоначалникот Мицевски.

Во прилог на изјавата пред собирот од изманипулираните работници на компанијата Веибо Груп, Мицевски контретно ги посочи државните институции и органи кои согласно своите законски овластувања и задолженија треба да им помогнат на измамените работници во нивното настојување да си ги добијат заработените плати и придонеси, како и други нереализирани работнички права, а тоа се: Државниот инспекторат за труд, кој врши инспекциски надзор над примената на законите и другите прописи за работни односи, вработување и заштита при работа и на колективните договори, договорите за работа и другите акти, Државниот пазарен инспекторат, кој врши инспекциски надзор над примената на законите, другите прописи и акти, Управата за јавни приходи е таа која оперативно ја спроведува даночната политика, врши инспекциски надзор и уште мноштво надлежности во нејзина сфера, Финансиската полиција како орган на Министерството за финасии открива и врши криминалистичко истражување на кривични дела кои се гонат по службена должност како што се: перење пари, даночно затајување,  како и фаќање и пријавување на нивните сторители, обезбедување на докази, други мерки и активности што можат да користат за непречено водење на кривичната постапка,  и на крајот согласно Законот за работни односи, работниците имаат право да бараат обезбедување на нивните права од страна на работодавачот како и право да бараат судска заштита пред надлежните судови.

Да незаборавиме, ВЕИБО ГРУП од страна на поранешната власт на ВМРО ДПМНЕ беше најавена како еден од најголемите странски инвеститори со ветување за инвестиции од 400.000.000 долари, од кои 180.000.000 долари само во 2014 г. Ветуваа и 5.000 нови вработувања и  изградба на најголем интегриран текстилен центар во Европа, кој требаше да биде изграден во с.Псача, Општина Ранковце, но кој за жал ниту беше изграден, ниту пак некогаш профункционира како таков и ниту едно од овие ветувања , ВМРО ДПМНЕ не го реализираше, а последиците на нивните лажни ветувања, денес сите ги препознаваме и чувствуваме.

За волја на вистината, ВЕИБО ГАРМЕНТ ПРОДАКШН МАКЕДОНИЈА ДОО Крива Паланка пред да биде преземена од страна на ВЕИБО ГРУП МАКЕДОНИЈА АД е основана врз основа на Договор за основање на Друштво со ограничена одговорност, склучен на ден 06.11.2014 година под дел.бр.03-02/1 од страна на двајца содружници и тоа ДПТУ КАРА АД Скопје, застапувано од извршниот директор Кристина Камчева Стојчевска и ДПТУ МОНТ ДООЕЛ Скопје, застапувано од Управителот Ангела Ивановска со основна главнина на Друштвото од 2.150.000 ЕВРА, изразена како непаричен влог, од кој што ДПТУ КАРА АД Скопје има вложено 1.730.000 ЕВРА – вредност на недвижен имот, во кој што недвижен имот се наоѓа производниот погон и капацитет на ВЕИБО ГАРМЕНТ ПРОДАКШН МАКЕДОНИЈА ДОО Крива Паланка во Крива Паланка. Симптоматично е тоа што и двете компании кои што се јавуваат како основачи и единствени содружници во новоформираното Друштво се со седиште во Скопје на ул.Скупи бр.3А, Скопје, адреса на која егзистираат мноштво од фирмите на бизнисменот Орце Камчев, со што оправдано се наметнува дилемата дали и по преземањето на ВЕИБО ГАРМЕНТ ПРОДАКШН МАКЕДОНИЈА ДОО Крива Паланка од страна на ВЕИБО ГРУП МАКЕДОНИЈА АД воопшто може да стане збор за некаква странска инвестиција или за уште добро осмислена шема и манипулација, произлезена од палатата на претходната власт предводена од Никола Груевски во спрега со бизнисменот Камчев.

Оваа компанија воопшто не е евидентирана како даночен обврзник по основ на данок на имот и во изминатите 3 години не им биле издавани решенија за данок на имот што само упатува на оправдан сомнеж за постоењето на спрега и своевиден заштитен чадор на оваа компанија од страна на претходниот градоначалник Арсенчо Алексовски, кој што со таквите состојби им овозможил неплаќање на данок на имот во прилично висок паричен износ, со што директно е оштетен и буџетот на Општината.

За жал, оваа команија е уште еден  еклатантен пример во низата такви, за спрегата помеѓу локални и државни функционери од поранешната власт на ВМРО ДПМНЕ и финансиски моќници блиски до Никола Груевски и фамилијата, како начин за одбегнување на мноштво финансиски обврски кон Државата и присвојување на имотна корист под параванот на странска инвестиција.

 

Големина на фонт
Контраст