Директорот на Турскиот институт „Јунус Емре“ во посета на Крива Паланка

Денес во официјална посета на oпштина Крива Паланка  беше директорот на  Турскиот институт „Јунус Емре“,  д-р Шемсеттин Шеќер.

Во рамки на посетата се одржа работен состанок со градоначалникот Борјанчо Мицевски на кој се  разговараше за воспоставување, збогатување и унапредување на соработка со овој институт, кој воедно претставува директна врска со многу други организации и институции од Р.Турција.

Д-р Шемсеттин Шеќер предложи неколку иницијативи и активности за подобрување на културната врска меѓу двете земји, особено во делот на уметноста, науката, традицијата и јазикот. Како една од приритетните активности во момнетот, од страна на д-р  Шемсеттин Шеќер беше потенцирана иницијативата за збратимување на општина Крива Паланка со општина од Р. Турција.

Градоначалникот Мицевски со големо задоволство ги прифати иницијативите од страна на Турскиот институт „Јунус Емре“ и д-р Шемсеттин Шеќер и по тој повод изјави:

 ,,Ова за нас може да биде успешна приказна со многу добри дела, бидејќи во Вас гледаме искрени пријатели со кои сакаме да ги унапредиме универзалните вредности, почитувањето на културата, традицијата, јазикот и идентитетот на еден народ, а се со цел подобрување на врската меѓу двете земји како и стимулирање на мноштво економски активности. Целокупниот амбиент во државата е на повисоко ниво и ваквиот  вид на соработка може да се прошири  и продолжи во сите сегменти на општествениот живот“.

На состанокот присуствуваше и в.д. директорот на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, Драган Величковски, кој предложи неколку конкретни активности и идеи, кои во најскоро време би можеле да бидат поддржани или излобирани од страна на Турскиот институт „Јунус Емре“.