Градоначалникот го најави повикот за доделување финансии од Општината на здруженијата и спортските клубови

Во текот на вчерашниот ден, на иницијатива на градоначалникот Борјанчо Мицевски се одржа работен состанок со претставниците на спортските клубови, невладините организации и граѓанските здруженија од општината.

На  состанокот  стана збор за иницијативите кои Мицевски ги презема во насока на унапредување и зацврстување на досегашната соработка со НВО секторот, како и за  воведувањето на нов и транспарентен начин  на распределба на општински средства предвидени за помош и поддршка на цивилниот сектор.

-Моја заложба е дел од општинските надлежности да се делегираат на граѓанските здруженија, кои можат да се јават како апликанти за користење на општинските средства, со цел потикнување на поголема  вклученост на граѓанските организации во решавањето на локалните проблеми, како и унапредување и зацврстување на меѓусебната соработка,  изјави градоначалникот.

Во таа насока,  Мицевски ја  најави иницијативата за доделување на буџетски средства преку објава на Јавен повик (апликација) за граѓанските здруженија, спортски клубови, организации од областа на културата и сл. кои се предвидени со Програмата за поддршка на граѓанските здруженија во  2018 година.

-Ова го правиме во насока на давање значење на она што го работи цивилниот сектор, афирмирање на досегашните активности на граѓанските организации и  поврзување на сродните здруженија, со цел заедничко дејствување, поефикасно функцинирање и унапредување на начините за доаѓање до финансиски средства од разни извори, неопходни за реализација на планираните активности.

Во изминатиот период Општината имаше фонд за помош и поддршка на НВО секторот, кој за жал стихијно и по ад-хок барања се распределуваше, сега сето тоа сакаме да го поправиме и унапредиме и меѓусебната соработка да ја подигнеме на едно повисоко ниво, рече Мицевски.

Како еден од приоритетите за поефикасно работење на спортсите клубови, градоначалникот предложи формирање на општински сојуз на спортови како посебен правен субјект, преку кој спортските клубови на полесен и поедноставен начин би можеле да аплицираат не само за општински средства, туку и за средства од други извори, како државни, така и странски фондови, организации и донации.

Мицевски на состанокот ја изнесе и заложбата за активирање на општинската Фондација за развој на информатичка технологија, со име „Со срце за Крива Паланка“. Фондацијата би била поддржана од наши иселеници и бизнис-секторот, а  донираните средства ќе бидат наменети за развој на спортот и културата и финансирање на активности на граѓанските здуженија.

Јавниот повик за доделување на финансиски средства ќе биде објавен деновиве, на општинската веб-страна, http://www.krivapalanka.gov.mk и ќе трае еден месец. По истиот ќе можат да аплицираат сите граѓански здруженија, невладините организации и спортски клубови од општината.