Стоп за трговијата со деца

Денес во Крива Планка беше одржана работилница за превенција од трговија со деца и за спречување на злоупотребата на дрога. Овој проект го спроведува МВР, а за североисточниот регион во кој спаѓаат шест општини одговорен е СВР Куманово. На работилниците присуствуваа претставници од основните и средни училишта и други институции кои се опфатени со овој проблем.

Проектот за превенирањето на трговијата со деца се одвива под мотото „Стоп за трговијата со деца“, а со него се опфатени учениците од седмо и осмо одделение. Проектот за превенирање на употребата на дрога се одвива под мотото „Спорт да, дрога не“ и во него ќе учествуваат ученици од прва и втора година од средното образование.

Проектите ќе се имплементираат во наредните два месеци. Со нив ќе бидат опфатени интерактивни работилници, јавни трибини, организирање на ликовни конкурси, спортски натпревари, презентации во училиштата и друго.

Целта е да се избегнат замките на овие девијантни појави, да се превенира нивната злоупотреба преку препознавање на трговците и дилерите и да им се помогне на жртвите во нивната ресоцијализација.