Младите музички амбасадори на Република Северна Македонија со меѓународни успеси

Младите пијанисти од Крива Паланка постигнаа нов меѓународен успех освојувајќи пет први награди на реномираниот Meѓународен натпревар „Golden piano talents“, организиран од Меѓународната асоцијација за културен развој и образование. Во конкуренција на 360 кандидати од 50 земји од сите континенти на светот, меѓу најдобите музички амбасадори од нашата земја се најдоа  Сара Стојановска, Леон Јанковски, Ева Николова, Војдан Стаменковски и Теодор Смиљков, кои свират на пијано под менторство на професорката Лариса Жулина-Митовски. 

„Освоените награди се уште една потврда за талентот, амбиција и посветеноста на младите македонски музички таленти. Учеството и наградите на фестивали и конкурси ги поттикнува да продолжат да работат со со уште поголем интезитет и да постигнуваат се поголеми успеси“, вели наставник-ментор Жулина-Митовски.

Meѓународен натпревар „Golden piano talents“ промовира висок квалитет на музички изведби од целиот свет. Целта на организацијата е да одржи највисоко меѓународно професионално ниво, да ги инспирира пијанистите и публиката, да обезбеди платформа за прикажување извонредни пијанисти од целиот свет и да помогне во развојот на нивните кариери.

Секоја пролет, победниците од сите категории ќе бидат поканети да настапат на Големиот свечен концерт во некој од европските градови. Тимот на Меѓународната асоцијација за културен развој и образование одлучи да го организира првиот Голем церемонијален концерт во Република Северна Македонија, во мај 2022 година, кој ќе биде дел од Фестивалот на пијано „Golden Piano Festival“ – Република Северна Македонија.

Големина на фонт
Контраст