Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска им ги врачи договорите за стипендирање на талентираните средношколци, студенти и ученици спортисти за учебната 2026/2027 година, со што Општината уште еднаш ја потврдува својата посветеност на поддршката и поттикнувањето на младите во образованието и правилниот спортски развој.
За оваа учебна година, Општина Крива Паланка ќе стипендира вкупно 37 ученици и студенти, во рамки на двете категории на стипендирање. Од нив, 12 се нови корисници на стипендии, додека останатите ја продолжуваат оваа поддршка од претходната година, согласно договорот и утврдените услови.
Стипендиите се доделуваат врз основа на конечните резултати од спроведените постапки за избор на талентирани средношколци и студенти кои образованието го продолжуваат во училиштата и факултетите во државата, како и на спортисти во индивидуални спортови и ученици спортисти во екипни спортови од основните училишта на подрачјето на општината.
Месечниот износ на стипендијата е 3.000 денари, со исплата во текот на девет месеци во годината.
Градоначалникот Митовски истакна дека вложувањето во младите, нивното образование и спортскиот развој останува важен дел од општинските мерки, програми и политики, преку кои се создаваат можности за нивно напредување, се вреднуваат постигнатите резултати и се поттикнуваат нови успеси. Овие мерки, покрај стимулативниот и мотивацискиот ефект, претставуваат и конкретна поддршка за семејствата и олеснување на нивните финансиски обврски.
Обраќајќи им се на стипендистите, градоначалникот им посака да продолжат со истата посветеност, љубопитност и истрајност во остварувањето на своите цели, нагласувајќи дека секој нивен успех е повод за гордост, не само за нив и нивните семејства, туку и за целиот град.
На младите студенти и спортисти од Крива Паланка им посакуваме многу нови достигнувања, лични радости и успеси. Нека оваа поддршка биде дополнителен поттик да веруваат во своите способности, да ги развиваат своите вештини и потенцијали и храбро да чекорат кон иднината што ја посакуваат.




