Општина Крива Паланка со највисока оценка за буџетска отвореност – прва меѓу 81 оценета единица на локалната самоуправа

Општина Крива Паланка е прворангирана меѓу 81 оценета единица на локалната самоуправа според Индексот на отворени општини за 2025 година, со освоени 86,4 од можни 100 поени, и единствена со постигнато ниво на сеопфатна отвореност на општинските буџетски процеси.

Резултатите од Индексот, изработен од Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, денес беа презентирани на средба со градоначалникот Сашко Митовски, при што на Општината ѝ беше доделен сертификат за постигнатиот резултат и највисоката категорија на отвореност. За споредба, просечниот резултат на оценетите единици на локалната самоуправа изнесува 38,4 поени.

Индексот ја мери отвореноста на буџетските процеси низ четири клучни области: транспарентност, отчетност, вклученост и правичност, како и антикорупција. Оценувањето опфаќа повеќе аспекти на управувањето со јавните финансии – достапноста на буџетските документи и информациите за трошењето на јавните средства, можностите за учество на граѓаните во буџетското планирање и одлучување, вклучително и на маргинализираните групи, како и практиките во јавните набавки, извршувањето на буџетот и внатрешната контрола.

Првото место и постигнатиот резултат се потврда за досегашните практики на Општина Крива Паланка во насока на отворено и одговорно управување со јавните средства, но и обврска за континуирано унапредување на транспарентноста и вклучувањето на граѓаните во процесите на донесување одлуки.

„Горд сум што Крива Паланка е прва по буџетска отвореност. Зад секој денар во буџетот стои трудот на нашите сограѓани, а наша должност е да покажеме каде и како го вложуваме. Ова признание е успех на целиот општински тим и обврска да продолжиме со јасен отчет, достапни информации и активно учество на граѓаните. Ваши пари, ваш увид – наша одговорност“, истакна градоначалникот Сашко Митовски.

Отвореноста на буџетските процеси има директно значење за граѓаните, бидејќи овозможува подобар увид во финансиските приоритети на Општината, планираните инвестиции и реализацијата на јавните расходи. Истовремено, нивното активно учество во предлагањето и утврдувањето на локалните приоритети придонесува за буџетско планирање што повеќе ги одразува потребите на заедницата.

Општина Крива Паланка упатува благодарност до ЗМАИ за спроведеното оценување и доделеното признание, до општинската администрација за професионалниот придонес, како и до граѓаните и даночните обврзници, чиј придонес е основа за финансирање на локалните услуги и развојот на општината.

Постигнатиот резултат е поттик и обврска ова ниво на отвореност да се одржува и надградува, со достапни информации, одговорно управување и отчетност за секој јавен денар.