Задоволството на луѓето кои секојдневно ја добиваат потребната грижа, вниманието и поддршката во сопствениот дом е најнепосредната потврда за значењето на социјалната услуга „Помош и нега во домот“, која континуирано се спроведува во Крива Паланка.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со претставници на Црвениот крст – Крива Паланка, оствари теренска посета на дел од корисниците на услугата, при што имаше можност непосредно да се запознае со нивните искуства и да разговара за поддршката што ја добиваат во секојдневниот живот.
Во разговорите со корисниците беа изразени задоволство и благодарност за редовната грижа, посветеноста и вниманието на лиценцираните негувателки.
За лицата кои поради возраста, здравствената состојба или намалениот функционален капацитет, не можат самостојно да ги извршуваат секојдневните активности, оваа услуга значи многу повеќе од практична помош – таа носи чувство на сигурност, човечка блискост и можност достоинствено да го продолжат животот во сопствениот дом.
Преку услугата „Помош и нега во домот“ се обезбедува поддршка при вршење на основните и инструменталните активности од секојдневниот живот, со што на лицата на кои им е потребна грижа им се овозможува поголема самостојност и вклученост во заедницата.
Моментално, услугата опфаќа 106 корисници, за кои грижата ја обезбедуваат 40 лиценцирани негувателки, согласно утврдените нормативи и стандарди за давање социјални услуги. Нејзиното спроведување се реализира во соработка со Црвениот крст – Крива Паланка, со поддршка на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Градоначалникот Митовски истакна дека позитивните искуства и задоволството на корисниците се значаен показател за ефектите од оваа социјална услуга, но и поттик за нејзино континуирано унапредување. Грижата за постарите, болните и изнемоштените сограѓани, особено за оние кои живеат сами или имаат ограничена можност за самостојно функционирање, останува важен дел од локалните програми за достапни и одговорни социјални услуги.
Оваа практика покажува дека социјалната грижа не се сведува само на обезбедување услуга, туку подразбира присуство, внимание и поддршка во моментите кога тие се најпотребни. А понекогаш, токму грижата што пристигнува на домашната врата, прави најголема разлика во квалитетот на животот и секојдневието на корисниците на оваа услуга.











