Во Општина Крива Паланка денес се одржаа три консултативни работилници во рамки на подготовката на новата Локална стратегија за млади за периодот 2027–2030 година, со цел непосредно вклучување на младите во утврдувањето на потребите, предизвиците и приоритетите на локалната младинска политика.
Крива Паланка е една од шесте пилот-општини во државата, што официјално го започнаа процесот на изработка на нова локална стратегија, заснована на принципите на Агендата за млади, мир и безбедност (YPS – Youth, Peace and Security).
Преку отворена дискусија и консултативен пристап, младите имаат можност да ги посочат предизвиците со кои се соочуваат и да предложат решенија во неколку клучни области: здравје, безбедност и инклузија; младински активизам; образование, развој на вештини и економска независност.
Работилниците претставуваат важна можност гласот на младите директно да биде вклучен во процесот на планирање и креирање мерки што ќе одговараат на нивните реални потреби и ќе придонесат кон создавање подобри услови за нивен личен и професионален развој.
Со овој процес, Општина Крива Паланка го поттикнува активното учество на младите во локалните процеси на одлучување и ја потврдува важноста на нивната улога во градењето инклузивна, безбедна и развојно ориентирана заедница.




