Во рамки на тековните активности, во градскиот парк, едно од најпосетените места за одмор, прошетка и дружење, во наредниот период ќе бидат заменети оштетените украсни и зимзелени дрвца и ќе се обноват декоративните форми. Паралелно, продолжува уредувањето на просторот покрај Крива Река, каде што е планирано засадување на 200 нови јавори.
Со новиот дрворед ќе се збогати зеленилото покрај реката, а со растењето на дрвјата ќе се создадат и поповолни услови за прошетка, рекреација и одмор. На овој начин, активностите за хортикултурно уредување се насочени не само кон подобрување на изгледот на градот, туку и кон долгорочно унапредување на квалитетот на јавните простори што ги користат граѓаните.
Значаен дел од грижата за зелените површини е и подобрувањето на нивното одржување. Во текот на годинава се заменети и реконструирани постојните системи за наводнување на зелените површини, со воведување автоматско полевање. Во тек е и поставување автоматски систем за наводнување долж целото речно корито, кој ќе овозможи користење техничка вода, според потребите за одржување на зеленилото во текот на годината.
Есенските активности се дел од континуираните напори на Општина Крива Паланка и градоначалникот Сашко Митовски за почисти улици, уредени јавни површини и повеќе зеленило, што е директно поврзано со квалитетот на секојдневниот живот на граѓаните, како и создавање попријатна и поздрава средина за сите генерации.
А грижата за градот се препознава во секое уредено катче, во секое ново засадено дрво и во односот кон просторот што заеднички го користиме.




