Калин Камен од денес има нова содржина за спорт, рекреација, авантура и семејни искуства на отворено. Со промотивен настан и свечено отворање, во употреба е пуштен новиот Адреналински парк, реализиран во рамки на прекуграничниот проект „Прекугранична атрактивност – паметен туризам во регионот Ќустендил – Крива Паланка – Невестино“, поддржан преку Програмата Interreg VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија 2021–2027.
Со инвестиција од околу 280.000 евра, паркот претставува нова туристичка, спортска и рекреативна атракција на Осоговските Планини и уште еден чекор во насока на создавање современа и разновидна туристичка понуда на Калин Камен.
Адреналинскиот парк е осмислен како простор за активен престој во природа и нуди различни предизвици и активности за посетители од различни возрасти. Висечки мостови, мрежи, јажиња, скали, качувачки и динамични полигони, создаваат простор во кој движењето, снаодливоста, храброста и забавата се спојуваат во поинакво искуство на планина.
Со неговото пуштање во употреба, Калин Камен добива содржина што може да го збогати престојот на посетителите и да придонесе кон развој на активниот и авантуристичкиот туризам, но и кон создавање нови можности за семејна рекреација и здрави животни навики.
Свеченото отворање беше во знакот на најмладите. Со општинскиот осмооктомвриски крос и симболичното пренесување на штафетната палка низ адреналинскиот парк, децата ја пренесоа пораката за заедништво, енергија и нов почеток, а спортските и забавните активности, креативната работилница и дружењето го претворија денот во вистинско празнично доживување за децата.
Адреналинскиот Парк во Крива Паланка е дел од поширока прекугранична приказна, која создава основа за заеднички прекуграничен туристички производ што ги поврзува С.Македонија и Бугарија и нивните природни и туристички потенцијали, како и соработката со регионални тур оператори и инфлуенсери.
Проектот, е со вкупен буџет за сите партнери од 975.730 евра, а го спроведуваат Општина Ќустендил, Општина Крива Паланка, Општина Невестино, Центарот за развој на Североисточниот плански регион, Трговско-индустриската комора од Ќустендил и Националната установа – Музеј Куманово. Во рамки на проектот се развиваат нови туристички содржини и инфраструктура на повеќе локации од двете страни на границата, со цел регионот да се позиционира како поконкурентна и попрепознатлива дестинација за одржлив и активен туризам.
На свеченото отворање се обратија градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, градоначалникот на Општина Ќустендил, Огњан Атанасов, министерот за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ и раководителот на Заедничкиот секретаријат на Програмата Тони Јакимовски, кои ја истакнаа важноста на инвестицијата за развојот на туризмот, локалните заедници и натамошното јакнење на прекуграничната соработка.
Со новиот Адреналински парк, Калин Камен добива уште една причина повеќе за посета – место каде природата, активниот одмор и авантурата се претвораат во ново туристичко искуство, а прекуграничната соработка во конкретна содржина што останува за граѓаните и посетителите.




