Со кабаре-комедијата „Балкански мажи“, во изведба на театарската екипа од Нови Сад – Продукција „МониКарт“, заврши 18-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.
Девет фестивалски вечери, девет различни драмски приказни и бројни актерски остварувања ја исполнија сцената на НУ Центар за култура во Крива Паланка, создавајќи уште едно издание на фестивалот во кое театарот повторно ја најде својата најважна точка – публиката.
Од првата до последната вечер, салата беше исполнета, а долгите аплаузи беа најдобрата потврда за интересот и љубовта на кривопаланечката публика кон театарската уметност. Во текот на фестивалот, публиката имаше можност да проследи девет претстави на театри и продукции од Македонија, Србија, Бугарија и Црна Гора, во различни жанровски и уметнички изрази.
Фестивалската завршница донесе и малку поинаква енергија на сцената на НУ Центар за култура Крива Паланка. Преставата „Балкански мажи“, ни приреди освежителна и инспиративна кабаре-комедија која преку хумор, музика и сатира ги отвори добро познатите прашања за машко-женските односи, партнерството и балканскиот менталитет.
Со завршувањето на ова издание, фестивалот остава зад себе уште девет вечери во кои сцената беше простор за различни приказни, актерски енергии и средби со публиката.
Но, фестивалот не завршува само со последниот аплауз. Со секое ново издание, ТФ „Свети Јоаким Осоговски“ продолжува да ја потврдува својата препознатлива улога во културниот живот на Крива Паланка, градејќи фестивалска традиција и отворајќи простор градот да биде место на средба на театри, актери од целиот балкански регион и задоволна публика.
По девет вечери исполнети со театар – останува најважното: споменот на одиграните приказни и желбата за следната театарска магија во Крива Паланка.




