Смеа, препознатливи ситуации и аплауз што не стивнуваше, ја одбележаа синоќешната фестивалска вечер на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, со хит-комедијата „Црногорец во кревет“.
Една од најпознатите и најгледани црногорски комедии, која повеќе од една деценија ги полни театрите низ регионот, пред кривопаланечката публика донесе приказна за љубовта, бракот, компромисите и секојдневните „мали“ битки во заедничкиот живот.
Автор и главен актер во претставата е Пеѓа Шушкавчевиќ, кој заедно со Ана Шимунџа-Селски, низ динамични дијалози, живописни карактери и низа комични ситуации го прикажува брачниот живот низ препознатливите црногорски стереотипи – од гордост и тврдоглавост до добро познатата мрзеливост.
Иако приказната е длабоко вкоренета во црногорскиот менталитет и обичаи, хуморот во „Црногорец во кревет“ лесно ги преминува локалните граници. Во ликовите, нивните недоразбирања и секојдневните ситуации публиката препознава нешто свое – од динамиката на брачниот живот до оние моменти поради кои, и покрај сè, остануваме заедно.
Кривопаланечката публика одговори со искрена смеа и силен аплауз, наградувајќи ја секоја сцена, а овациите по крајот на претставата беа потврда за уште една фестивалска вечер исполнета со добра енергија и театарско уживање.
Со „Црногорец во кревет“ фестивалската сцена уште еднаш покажа дека добрата комедија не познава граници – кога приказната е искрена, ликовите препознатливи, а смеата вистинска, публиката секогаш се препознава во нив.




