Петтата вечер од 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ донесе уште една силна сценска приказна пред бројната паланечка публика.
Со претставата „Вонземјани“, продукција на МАНА во копродукција со Македонскиот народен театар, сцената на НУ Центар за култура се претвори во простор во кој хуморот и сатиричниот поглед кон секојдневието се испреплетоа со сериозни прашања за современиот човек.
Приказната за едно семејство, сместена во само една соба, ги отвора темите на инвазијата на технологијата, лажните информации, корумпираноста на системот и постепеното губење на човечките вредности.
Зашто, „вонземјаните“ во оваа приказна не доаѓаат од вселената. Тие се луѓето кои, притиснати од времето во кое живеат, сè повеќе се оддалечуваат од сочувството, солидарноста, љубовта и одговорноста.
Со одлична актерска игра, духовити дијалози и многу смеа, претставата ја освои публиката, но истовремено остави и едно важно прашање: дали среќата што ја живееме е навистина наша или само начин полесно да ја избегнеме реалноста? Уште една фестивалска вечер во Крива Паланка покажа дека добриот театар знае да нè насмее, но и да нè натера да се погледнеме себеси – малку поинаку.
.




