Фестивалската сцена во Крива Паланка продолжи да живее со комедијата „Не можам да платам, не сакам да платам“, во изведба на НУВК Театар „Трајко Прокопиев“ – Куманово, која пред публиката донесе приказна за инфлацијата, социјалната неправда и секојдневната борба на обичниот човек да го помине денот.
Иако напишана во 70-тите години на минатиот век, претставата низ сатиричен и комичен пристап отвора теми кои не останале заробени во времето во кое е создадена. Скапотијата, ниските приходи, кризата и потребата постојано да се бара начин за преживување и денес се препознатлив дел од секојдневието.
Токму во таа препознатливост се крие и силата на претставата – она што некогаш било сценска сатира, денес повторно добива препознатливи нијанси во реалниот живот. Ликовите, со својата снаодливост и отпор, не се помируваат лесно со околностите, туку на свој начин се обидуваат да најдат излез од состојбата во која се наоѓаат. А кога незадоволството станува преголемо, започнува и една необична „револуција“ – предводена од жените.
Во претставата настапија Марко Трајковиќ, Александра Михајловска – Величковски, Владанка Крстевски и Жарко Јовановиќ, кои со актерската игра и комичниот пристап ја доближија приказната до публиката во Крива Паланка, која ја проследи претставата со внимание и добар прием.
Со секоја нова претстава, 18-от Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ уште еднаш потврдува дека театарот не зборува само за некое друго време и некои други луѓе. Понекогаш, доволно е да се подигне завесата за во приказната на сцената да го препознаеме и сопственото секојдневие.
Фестивалската приказна продолжува со претставата „Вонземјани“, во продукција на „МАНА“ и копродукција со МНТ – Скопје.




