Смеење до солзи на втората фестивалска вечер со „Комедија на збрката“

Втората фестивалска вечер на 18. Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ помина во знакот на смеата, со хит-комедијата „Комедија на збрката“, во изведба на Уметничката работилница „Призор“ од Белград.

Кривопаланечката публика имаше можност да проследи динамична и темпераментна булеварска комедија на ситуација, во која брзото темпо, духовитите дијалози и низа неочекувани пресврти создадоа атмосфера исполнета со смеа и аплаузи.

Во режија на Раде Вукотиќ, претставата ја предводеше одличната актерска екипа со Јелица Сретеновиќ и Саша Јоксимовиќ, кои заедно со останатите членови на ансамблот на сцената изградија исклучително динамична и добро координирана актерска игра. Низ низа комични ситуации и брзи промени, приказната лесно го задржа вниманието на публиката и го потврди едноставниот рецепт на добрата комедија – добро темпо, одлична актерска хемија и многу смеа.

Публиката во НУ Центарот за култура не штедеше аплаузи, а бројната смеа и реакциите во текот на претставата беа најдобрата потврда дека „Комедија на збрката“ беше одличен избор за втората фестивалска вечер – претстава во која времето помина брзо, а секојдневниот стрес барем за момент остана надвор од театарската сала.

Фестивалската приказна продолжува вечерва од 19.30 часот со гостувањето на НУ Театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес, кој пред кривопаланечката публика ќе ја изведе претставата „ТЕСТОСТЕРОН“.