Со изведбата на претставата „Кокошка“ на Театар Комедија – Скопје, пред бројната публика во Крива Паланка, синоќа започна 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“.
Првата фестивалска вечер донесе силна актерска игра, динамична сценска приказна и многу емоции, кои публиката ги награди со искрени аплаузи. Со својата енергија и впечатлива интерпретација, актерите на Театар Комедија уште еднаш покажаа дека добрата театарска претстава не завршува со последната реплика – таа продолжува да живее и во реакцијата на публиката.
Фестивалската приказна продолжува вечерва, кога од 19.30 часот, на сцената во НУ Центар за култура, пред кривопаланечката публика ќе настапат гостите од Белград – Уметничка работилница „Призор плус“, со претставата „Комедија на збрката“.
Со „Кокошка“ фестивалот го отвори своето 18-то издание, кое во наредните денови ќе ја донесе театарската уметност во различни нејзини форми и изрази, преку внимателно одбраната фестивалска програма.
Крива Паланка повторно е место каде што сцената и публиката се среќаваат во заедничка приказна – приказна за театарот, уметноста и културниот живот на градот.




