Кога сцената станува живот, а улогите оставаат трага што трае многу подолго од аплаузот, тогаш зборуваме за вистинска уметност.
Годинешниот лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ е Тони Михајловски, еден од највпечатливите и најпрепознатливи актери на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена.
Повеќе од три децении Михајловски гради богат и разновиден творечки опус, обележан со силна актерска индивидуалност, сценски темперамент и ретка способност за трансформација. Неговото име е поврзано со бројни значајни театарски претстави, филмски и телевизиски остварувања, но и со режисерски и авторски проекти.
Од првите професионални театарски чекори во претставата „Крик“, преку бројните улоги на сцената на Македонскиот народен театар, до зрелите актерски остварувања што му донесоа признание од публиката и критиката, Михајловски изгради творечки пат во кој секој лик носи свој печат, своја енергија и своја вистина.
Неговиот впечатлив актерски ракопис е запишан и во македонската и регионалната кинематографија. Публиката го памети од филмските остварувања „Џипси меџик“, „Буре барут“, „Збогум на 20-тиот век“, „Балканкан“, „Панкот не е мртов“, „Парада“, „Трето полувреме“ и „До балчак“, дела кои се значаен дел од поновата македонска и балканска филмска продукција.
Но големината на еден актер не се мери единствено со бројот на одиграни улоги.
Таа се препознава во трагата што ја остава. Во ликот што публиката го памети. Во тишината пред репликата и во аплаузот по спуштањето на завесата.
Токму таква е актерската приказна на Тони Михајловски, силна, автентична и бескомпромисно посветена на сцената.
Неговиот повеќедецениски придонес кон македонската култура е вреднуван со бројни актерски награди и признанија. Меѓу нив посебно место има наградата за животно дело „Петре Прличко“, како признание за трајниот белег што го остава во македонската театарска уметност. Неговите актерски остварувања се наградувани и на значајни фестивалски сцени во земјата и регионот.




