ЕВРОПСКИТЕ ПРОЕКТИ СО КОНКРЕТНИ РЕЗУЛТАТИ ЗА КРИВА ПАЛАНКА

Во ЛУ Градски музеј Крива Паланка денес беше промовирано новото мултифункционално пикап возило и техничката опрема, преносен музички систем, набавени во рамки на проектот „КУЛТУРНА ОБЛАСТ / CULTURAL AREA – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“.

Проектот го имплементира ЛУ Градски музеј Крива Паланка во партнерство со Регионалниот историски музеј Ќустендил, Историскиот музеј Дупница и Здружението „Пеонија“ од Кратово, со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Interreg VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија.

На промотивниот настан се обратија директорот на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, Драган Величковски, и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кои се осврнаа на значењето на проектот, прекуграничната соработка и можностите што европските фондови ги отвораат за локалниот развој.

Градоначалникот Митовски во своето обраќање го потенцираше значењето на европските проекти како важен инструмент за создавање конкретни и видливи резултати за Крива Паланка, особено во областа на културата, заштитата и промоцијата на културното наследство и туризмот.

„Европските проекти за нас не се само финансиска поддршка, туку можност преку партнерство, знаење и заедничка работа да создаваме нови вредности за Крива Паланка. Секој успешно реализиран проект значи конкретна придобивка за нашиот град, подобри услови за работа на нашите институции и нови можности за промоција на богатото културно наследство и развој на туризмот. Нашата определба е јасна, активно да ги користиме европските можности и резултатите од нив да бидат видливи и достапни за нашите граѓани“, истакна градоначалникот Митовски.

Во рамки на настанот беше презентирана набавената опрема, а присутните имаа можност да се запознаат и со активностите реализирани во рамки на проектот.

Новата опрема ќе придонесе за унапредување на условите за реализација на културни и промотивни активности, поголема достапност на културните содржини и поефикасна презентација на културното наследство и туристичките потенцијали на Крива Паланка.

Општина Крива Паланка продолжува да ги поддржува партнерствата и проектите што европските можности ги претвораат во конкретни придобивки и трајни вредности за градот и неговите граѓани.