Втората вечер на XXI Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ донесе нова фестивалска приказна исполнета со песна, оро, раскошен колорит и емоции, претворајќи ја Крива Паланка во вистинска сцена на традицијата и културното заедништво.
Фестивалската вечер започна со дефиле низ градските улици, каде фолклорните ансабли од земјите учеснички на фестивалот, имаа можност пред кривопаланечката публика да ги претстават своите традиционални носии, фолклорни обичаи и препознатливи културни белези. Динамичниот-пулсирачки ритам на дефилето ја најави атмосферата што подоцна го исполни Градскиот плоштад, каде бројната публика со внимание и аплаузи ги проследи настапите на учесниците.
На втората фестивалска вечер, преку песна и игра, своите традиции ги претставија фолклорни ансамбли од Полска, Холандија, Црна Гора, Турција, Словачка, Хрватска, Бугарија, Украина и Македонија, создавајќи своевиден мозаик од различни култури, јазици и фолклорни изрази.
Пред публиката се нижeа настапи исполнети со автентичен ритам и сценска енергија, а секое ново оро носеше дел од културната приказна на земјата од која доаѓа. Токму во таа разновидност се препозна и најсилната порака на фестивалот – различни традиции можат да споделуваат иста сцена, а фолклорот да биде јазик што ги надминува границите и создава нови пријателства.
Крива Паланка и во втората фестивалска вечер живееше во ритамот на фолклорот – како мал свет во кој различностите не разделуваат, туку се среќаваат, се почитуваат и заедно создаваат една голема културна приказна.




