Општина Крива Паланка ја информира јавноста дека, по повод претстојната манастирска слава, Кумановско-осоговската епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија упатува покана до верниот народ за присуство на празничните богослужби и чествувања во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка.
На 27, 28 и 29 август 2026 година, во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ торжествено ќе биде прославена манастирската слава – празникот Успение на Пресвета Богородица, на 28 август, и споменот на преподобниот Јоаким Осоговски, на 29 август, пустиножител и чудотворец од XI век.
Манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, основан во XII век, претставува едно од најзначајните духовни светилишта во овој крај. Неговата вековна историја е нераскинливо поврзана со подвигот на свети Јоаким Осоговски и почитувањето на неговите свети мошти. Во манастирскиот храм почиваат и моштите на свети Јоаким Крчовски, свештенослужител, просветител и игумен на Осоговскиот манастир.
Древното осоговско светилиште и денес е место на молитва, благочестиво поклонение и духовна утеха, кое во празничните денови собира голем број верници и посетители.
Кумановско-осоговската епархија ги повикува верниците да бидат дел од вековното чествување и заедничката молитва во Осоговскиот манастир.
ПРОГРАМА НА БОГОСЛУЖБИТЕ
Четврток, 27 август 2026 г.
07:30 – Утрена богослужба
09:00 – Света архијерејска литургија
18:00 – Празнична вечерна богослужба
Петок, 28 август 2026 г. – Успение на Пресвета Богородица
07:00 – Утрена богослужба
08:00 – Света архијерејска литургија
18:00 – Празнична вечерна богослужба
Сабота, 29 август 2026 г. – Св. Јоаким Осоговски
07:30 – Утрена богослужба
09:00 – Света архијерејска литургија
Благословување на славските лебови и водосвет
Локација: Манастир „Свети Јоаким Осоговски“, Крива Паланка
Координати: 42.209482, 22.363248
https://maps.app.goo.gl/VyuVvALLE4DpgsYP6?g_st=av





