Крива Паланка уживаше во музичка вечер за паметење со Ѓоко Ѓорчев и Кате Танева-Разбудија спомени и создадоа нови

Крива Паланка синоќа живееше во ритамот на безвременските евергрини, македонските и екс-ју хитови и светските музички класици, во прекрасната изведба на Ѓоко Ѓорчев и Кате Танева.

Пред полните трибини на летнта сцена, познатите мелодии повторно ги споија генерациите, будејќи спомени, емоции и песни што со децении се дел од музичкото паметење. Ѓоко Ѓорчев, еден од ветераните на македонската забавна музика, и Кате Танева, препознатливиот вокал од групата „Нели ти реков“, понудија репертоар исполнет со познати рефрени и изведба што природно воспостави блиска врска со публиката.

Од првите тактови до последните аплаузи, публиката беше активен дел од концертната приказна – пееше, се присетуваше на омилените песни и уживаше во музиката која не познава генерациски граници.

Но, синоќешната вечер носеше и нешто повеќе. Во атмосферата веќе се чувствуваше претпразничниот дух – оној посебен момент кога градот полека влегува во деновите на своето големо празнување. Полни улици и плоштади, средби, насмевки и заеднички моменти ја создаваат препознатливата енергија на Крива Паланка во овие августовски денови.

Со уште една музичка вечер, „Кривопаланечкото културно лето 2026“ продолжува да ја испишува својата приказна – со музика, култура и публика која секогаш знае да ја препознае убавината на заедничкото доживување.

Вечер која разбуди спомени и создаде нови. Вечер која ќе се прераскажува.