Почитувани граѓани,
Ве известуваме дека по повод одржувањето на традиционалните народни собири и заедничкото чествување на празниците „Дани Пчиње 2026“ и „Преображение“, ќе биде овозможено непречено движење на жителите на Општина Крива Паланка и жителите на Општина Трговиште, Република Србија, преку привремен граничен премин кај село Калово, Општина Трговиште, Република Србија.
Привремениот граничен премин на државната граница меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, кај граничниот камен 12, на местото помеѓу селото Огут, Општина Крива Паланка, Република Северна Македонија и селото Калово, Општина Трговиште, Република Србија, ќе биде отворен во следните термини:
- На 14.08.2026 година, од 10:00 часот до 17.08.2026 година до 01:30 часот, по повод заедничкото чествување на празникот „Дани Пчиње 2026“ во Општина Трговиште;
- На 19.08.2026 година, од 07:30 до 23:30 часот, по повод заедничкото чествување на празникот „Преображение“.
За преминување на државната граница преку привремениот граничен премин потребно е физичкото лице да ги исполнува следните услови:
– да е државјанин на Република Северна Македонија, односно Република Србија; и
– да поседува важечки патен документ (лична карта или пасош), издаден согласно националното законодавство од надлежен државен орган на Република Северна Македонија, односно Република Србија, со кој може да се утврди идентитетот на лицето.
Граѓаните ќе можат да ја преминуваат државната граница преку привремениот граничен премин пешки, со патнички автомобил, мопед или велосипед.
Се апелира до граѓаните да ги почитуваат правилата и процедурите за преминување на државната граница и упатствата на надлежните служби.
Им посакуваме на сите граѓани пријатно поминување и успешно заедничко чествување на празниците.
Со почит,
Градоначалник на Општина Крива Паланка,
Сашко Митовски





