Општина Крива Паланка испрати нова група основци на бесплатно летување во Охрид

Општина Крива Паланка трета година по ред ја реализира мерката за бесплатно летување на деца од семејства во социјален ризик, во рамки на Програмата за социјална, детска и здравствена заштита.

Денес, градоначалникот Сашко Митовски ја испрати новата група основци кои во наредните седум дена бесплатно ќе престојуваат во детскиот камп „Радости“ на брегот на Охридското Езеро и на учениците им посака среќен пат, пријатен престој и убави спомени исполнети со дружење, игра и нови искуства.

Мерката опфаќа целосно покриени трошоци за превоз, сместување, исхрана и осигурување, како и организирани спортски, едукативни и забавни активности под надзор на стручни лица. Право на користење на оваа услуга имаат деца од социјално ранливи категории кои се редовни ученици во основните училишта на територијата на Општина Крива Паланка.

„Денес испративме уште една група деца во детскиот камп „Радости“ на брегот на Охридското Езеро. Овој бесплатен седумдневен камп е многу повеќе од обично летување. Тој претставува одлична можност децата да се социјализираат, да создадат нови пријателства и да ги развиваат своите социјални потенцијали“, изјави градоначалникот Митовски.

Тој истакна дека на оваа мерка, која Општината ја спроведува трета година по ред, гледа и како на значаен придонес во спречувањето на маргинализацијата на децата од социјално загрозени семејства.

„Сите деца, без разлика на нивната социјална положба, заслужуваат еднакви можности за раст, развој и среќно детство. Токму затоа продолжуваме да инвестираме во мерки што овозможуваат поголема социјална вклученост и еднакви шанси за секое дете“, нагласи Митовски.

Годинава, вкупно 25 деца ги исполнија условите за користење на оваа мерка и ќе имаат можност бесплатно да престојуваат во одморалиштето „Радости“ во Охрид, користејќи ја поддршката што ја обезбедува Општина Крива Паланка преку Програмата за социјална, детска и здравствена заштита.