Крива Паланка домаќин на традиционалната меѓународна погранична средба „Краиште 2026“

Има места каде границите не разделуваат, туку поврзуваат. Едно од нив е Голеш – тромеѓето меѓу Северна Македонија, Бугарија и Србија, каде секој Петровден луѓето се среќаваат, не како соседи од различни држави, туку како пријатели што ја споделуваат истата традиција, песна и почит кон заедничките вредности.

Во недела, 12 јули, токму таму ќе се одржи традиционалната меѓународна погранична средба „Краиште 2026“, во организација на Општина Крива Паланка, Општина Босилеград и Општина Ќустендил.

Свечената програма започнува во 11:00 часот на граничниот премин „Краиште“ кај село Голеш, а посетителите ќе имаат можност да проследат богата културно-уметничка програма со учество на културно-уметнички друштва, ансамбли и изведувачи од трите општини. Годинава, со својот препознатлив музички израз, празничната атмосфера ќе ја збогатат и Адријана Алачки и Раде Рогожаров, кои преку македонската песна ќе ја испратат најубавата порака за заедништво, пријателство и почитување на традицијата.

За полесен пристап на посетителите, граничниот премин 32/37 кај „Краиште“ ќе биде отворен од 7:00 до 19:00 часот, а граѓаните ќе можат да го преминуваат со важечка лична карта или патна исправа.

Настанот е дел од програмата Кривопаланечко културно лето 2026 , уште една потврда дека културата, традицијата и добрососедството остануваат едни од најсилните мостови меѓу луѓето.