Градоначалникот Сашко Митовски денес изврши увид во почетокот на градежните активности за уредување на нова пешачка патека покрај кејскиот ѕид на Крива Река, на потегот од Автобуската станица до вливот на Дурачка Река со Крива Река.
Со инвестиција од 4.572.087 денари со вклучен ДДВ, започнува реализацијата на уште еден проект насочен кон подобрување на јавниот простор и создавање поквалитетни услови за секојдневно живеење на граѓаните.
Пешачката патека ќе биде со должина од околу 400 метри, а во рамки на проектот ќе се уреди и оплемени просторот кај самиот влив на Дурачка Река во Крива Река, со што овој дел од градот ќе има нова функционална димензија и ќе добие урбан изглед.
„Секој проект има своја приказна, но најважната е онаа, што ќе ја живеат граѓаните. Кога идејата станува реалност, тогаш резултатите се најдобар показател за посветената работа и вложениот труд за развојот на нашиот град“, истакна градоначалникот Сашко Митовски.
Изведувач на градежните работи е ДПГТТУ „ЕУРО-ШАРИ“ ДООЕЛ.
Со реализацијата на овој проект, граѓаните ќе добијат безбеден и уреден простор за движење, прошетки и рекреација покрај Крива Река, а овој дел од градот ќе биде ставен во функција на современото урбано живеење.
Општина Крива Паланка продолжува со реализација на проекти што носат видливи резултати и го менуваат изгледот на градот, затоа што развојот не се мери само со планирани активности, туку пред сè со реализирани дела кои остануваат за граѓаните.



