Во рамки на програмата „Кривопаланечко културно лето 2026“, на 10 и 11 јули, со почеток во 20:00 часот, на плоштадот „Карпошово востание“ ќе се одржи Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Паланечка тројка“, кој и оваа година ќе ја претвори Крива Паланка во сцена на традицијата, културната размена и младешката креативност.
Во текот на двете фестивалски вечери, публиката ќе има можност да ужива во богатата програма исполнета со македонски и интернационални фолклорни изведби, автентични народни носии, песни и ора, претставени од млади фолклористи кои со љубов ја негуваат и пренесуваат традицијата на новите генерации.
„Паланечка тројка“ е повеќе од фестивал – тоа е празник на културното наследство, пријателството и заедништвото, каде преку играта и песната се градат мостови меѓу народите и се слави богатството на различните традиции.
Општина Крива Паланка ги поканува сите љубители на фолклорот да бидат дел од оваа прекрасна фестивалска атмосфера и заедно да уживаме во две вечери исполнети со ритам, боја, насмевки и македонска традиција.




