Делегација на Општина Крива Паланка, по покана на градоначалничката на градот Свидник, Марсела Иванчова, престојуваше во официјална посета на збратимениот град во Република Словачка, по повод одбележувањето на манифестацијата „Денови на Свидник“, која се одржа на 26 и 27 јуни 2026 година.
Во рамки на посетата, претставниците на Општина Крива Паланка присуствуваа на официјален прием кај градоначалничката Иванчова, при што беше потврдена долгогодишната пријателска соработка меѓу двете општини и беа разгледани можностите за нејзино понатамошно продлабочување. На средбата се разговараше за развој на заеднички иницијативи и проекти во областа на културата, образованието, спортот, туризмот и локалниот развој, како и за други теми од заемен интерес.
Делегацијата од Крива Паланка учествуваше и на Свечената академија организирана по повод празникот на градот Свидник, каде пред присутните делегации и официјални гости беа презентирани реализираните проекти, тековните активности и постигнатите резултати во работата на Општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Сашко Митовски.
Посебно внимание и исклучително позитивни реакции предизвика презентацијата на аудио-видео записот од општинската химна „Моја Крива Паланка“, која со својата автентичност, емоционалност и уметничка вредност остави силен впечаток кај присутните претставници на локални самоуправи и гости од повеќе земји.
Во текот на посетата беа разменети искуства, идеи и добри практики од областа на локалното управување, при што уште еднаш беше потврдена заедничката заложба за унапредување на партнерството меѓу Крива Паланка и Свидник преку нови иницијативи и активности од взаемен интерес.
Општина Крива Паланка останува посветена на негувањето и развојот на меѓународните пријателства и партнерства, кои придонесуваат за размена на искуства, зајакнување на меѓусебната соработка и создавање нови можности за локален развој и напредок на заедницата.




