Награден конкурс за изработка на кратко видео на тема: „Реката не е депонија – твојата одлука прави разлика“

Врз основа на член 23 став 1, точка 15 од Статутот на Општина Крива Паланка („Службен гласник на Општина Крива Паланка“), а согласно Програмата за еднакви можности на жените и мажите на Општина Крива Паланка за 2026 година, Меморандумот за соработка за имплементација на проектот „Интегрирање на родовата перспектива во обезбедувањето на локални услуги во Југоисточна Европа преку НАЛАС“, како и проектните активности поддржани од НАЛАС и ЗЕЛС, а финансирани од UN WOMEN,

ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА ОБЈАВУВА НАГРАДЕН КОНКУРС за изработка на кратко видео на тема: „Реката не е депонија – твојата одлука прави разлика“

  1. ЦЕЛ НА КОНКУРСОТ

Конкурсот има за цел да ја подигне јавната свест за заштита на животната средина и локалните водотеци, преку поттикнување на иновативноста, креативноста и активното учество на младите, со посебен акцент на интегрирање на родовата перспектива, еднаквото учество и заедничката одговорност на девојчињата и момчињата во создавање почиста и поздрава и инклузивна локална заедница.

  1. ПРАВО НА УЧЕСТВО

Право на учество имаат сите ученици од основното и средното образование од територијата на Општина Крива Паланка.

 

Учеството може да биде индивидуално или групно.

 

Конкурсот поттикнува еднакво учество на девојчињата и момчињата, а особено се охрабрува учеството на девојчиња и млади лица од ранливи категории, со цел промовирање на еднакви можности, инклузивност и активно вклучување во теми поврзани со заштитата на животната средина.

 

Секој учесник или група може да пријави најмногу едно видео.

  1. УСЛОВИ ЗА ИЗРАБОТКА НА ВИДЕОТО

Видеото треба да ги исполнува следните услови:

  • да биде оригинално авторско дело изработено од учесникот/учесниците;
  • да не содржи преземени видеа од интернет, stock видеа или туѓи авторски материјали без дозвола;
  • да биде со времетраење до 30 секунди;
  • да може да биде снимено со мобилен телефон, камера, фотоапарат или друг уред;
  • доколку содржи текст, истиот задолжително да биде на македонски јазик и напишан со кирилично писмо;
  • да промовира позитивни вредности, родова еднаквост, инклузивност и заедничка одговорност во заштитата на животната средина;
  • да не содржи навредливи, дискриминаторски, погрдни или несоодветни содржини, говор на омраза или содржини со кои се повредуваат човековите права и достоинството;
  • да не промовира родови стереотипи или дискриминација по кој било основ.
  1. СОГЛАСНОСТИ И ОДГОВОРНОСТ

Доколку во видеото се појавуваат лица, учесникот е должен да обезбеди нивна согласност за снимање и користење на видеото.

За малолетни лица кои учествуваат или се појавуваат во видеото задолжително се доставува Изјава и согласност од родител/старател.

Со доставување на видеото, учесникот и родителот/старателот потврдуваат дека:

  • видеото е оригинално авторско дело;
  • содржината не повредува права на трети лица;
  • се согласуваат видеото да биде јавно објавено и користено за едукативни, информативни и промотивни цели на Општина Крива Паланка.
  1. НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Видеото се доставува преку официјалната Facebook страница наменски креирана за потребите на проектот, со назнака:

Кратки видеа за Општина Крива Паланка

При пријавувањето потребно е да се достават следните податоци:

  • наслов на видеото;
  • име и презиме на авторот/авторите;
  • назив на училиштето во кое учат учесниците;
  • контакт телефон;
  • e-mail адреса;
  • Изјава и согласност од родител/старател.
  1. РОКОВИ

Краен рок за доставување на видеата е 15 јуни 2026 година.

Комисијата ќе ги разгледа пристигнатите видеа и ќе изврши избор на најдобрите видеа согласно критериумите од конкурсот.

Резултатите од конкурсот и наградените видеа ќе бидат објавени на 18 јуни 2026 година на официјалната веб-страница на Општина Крива Паланка и на Facebook страницата на проектот.

  1. ИЗБОР И НАГРАДИ

Пристигнатите видеа ќе ги разгледа комисија формирана од градоначалникот на Општина Крива Паланка.

Комисијата ќе ги оценува видеата согласно следните критериуми и бодови:

Критериум Максимален број на бодови
Оригиналност и креативност на идејата 30 бодови
Јасност и влијание на еколошката порака 25 бодови
Промовирање на родова еднаквост, инклузивност и заедничка одговорност 20 бодови
Усогласеност со темата на конкурсот 15 бодови
Техничка и визуелна изведба 10 бодови

Вкупно: 100 бодови

Комисијата ќе изготви ранг-листа согласно освоените бодови.

За првонаградено видео ќе се смета видеото со најголем број освоени бодови.

За второнаградено и третонаградено видео ќе се сметаат видеата кои согласно ранг-листата ќе го освојат второто и третото место според бројот на освоени бодови.

Доколку две или повеќе видеа освојат ист број на бодови, предност ќе има видеото кое освоило поголем број на бодови по критериумот

„Промовирање на родова еднаквост, инклузивност и заедничка одговорност“.
Доколку и по овој критериум видеата имаат ист број на бодови, предност ќе има видеото со поголем број на бодови по критериумот

„Јасност и влијание на еколошката порака“

Ќе бидат доделени следните награди:

  • Прва награда – 15.000 денари (бруто износ);
  • Втора награда – 10.000 денари (бруто износ);
  • Трета награда – 5.000 денари (бруто износ).

Во случај на доделување награда на малолетен учесник, исплатата на наградата ќе се изврши на трансакциска сметка на родителот/старателот.

Доколку награденото видео е изработено од група учесници, групата е должна да определи еден претставник, а исплатата ќе се изврши на трансакциска сметка на родителот/старателот на претставникот на групата.

Општина Крива Паланка нема обврска за понатамошна распределба на средствата помеѓу членовите на групата.

Исплатата на наградите ќе се реализира согласно проектните активности и договорите склучени за реализација на проектот.

 

 

  1. АВТОРСКИ ПРАВА

Со учеството на конкурсот, учесниците и нивните родители/старатели се согласуваат доставените видеа да останат во сопственост на Општина Крива Паланка со пополнување и потпишување на изјава за согласност.

Општина Крива Паланка го задржува правото да ги користи, објавува, прикажува и промовира видеата за едукативни, информативни и промотивни цели, без надомест, со наведување на авторот/авторите.

  1. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Нецелосни, ненавремени или видеа кои не ги исполнуваат условите од конкурсот нема да бидат разгледувани.

Општина Крива Паланка го задржува правото да не додели награда доколку комисијата оцени дека видеата не ги исполнуваат условите и критериумите на конкурсот.

Составен дел на овој конкурс е Изјавата и согласноста од родител/старател.

Со поднесување на пријавата, учесниците и родителите/старателите потврдуваат дека се согласни со условите од конкурсот.

Проектот е поддржан од НАЛАС и ЗЕЛС, а финансиран од UN WOMEN.

ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА
Градоначалник
Сашко Митовски

Видео-материјалите испратет ги на фејсбук страната:
https://www.facebook.com/share/194MjJHqDc/
Дополнителни информации: Гордана Ристовска – 071/334-453

СОГЛАСНОСТ за снимање и користење на видео материјал
ИЗЈАВА И СОГЛАСНОСТ од родител_старател
ПРИЈАВА за учество на награден конкурс

 

Големина на фонт
Контраст