Во исполнета сала на Центарот за култура, Општина Крива Паланка синоќа со Свечена академија достоинствено го одбележа Денот на македонските и сесловенските просветители – „Светите Кирил и Методиј“, и „Свети Јоаким Крчовски“ испраќајќи силна порака за значењето на просветата, духовноста и знаењето како темели на општествениот развој.
На свеченоста присуствуваа бројни гости, просветни работници, ученици, претставници на локалните институции и граѓани, а во рамки на академијата беа доделени признанија и награди за најуспешните просветни работници и ученици на генерацијата од основните и средното училиште во општината.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, во своето обраќање истакна дека делото на светите просветители претставува траен духовен и културен темел на македонскиот народ и порача дека образованието останува најсилната инвестиција во иднината.
„Народ без слово е народ без глас, а народ што има јазик, писмо и знаење е народ што никогаш не може да биде покорен“, истакна градоначалникот Митовски, потенцирајќи дека Крива Паланка со особена чест четврта година по ред го чествува и светиот Јоаким Крчовски, кој во 2022 година беше вброен во редот на „Светите“ од страна на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во своето обраќање, градоначалникот упати искрена благодарност до просветните работници, нагласувајќи дека, токму тие ја носат најголемата одговорност во создавањето на идните генерации и вредносниот систем на општеството.
Во рамки на свечената академија, за најуспешни просветни работници за учебната 2025/2026 година беа прогласени:
Даниела Ѓорѓиовска, одделенски наставник во ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ – за најуспешен просветен работник во одделенска настава;
Ненко Иванов, наставник по математика и физика во ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ – за најуспешен просветен работник во предметна настава.
Признанија за ученици на генерацијата добија:
Ива Стојановска од ООУ „Св. Јоаким Крчовски“;
Олег Јосимовски од ООУ „Илинден“;
Димитар Стојановски од СОУ „Ѓорче Петров“.
Свечената академија беше збогатена и со пригодна културно-уметничка програма, а вечерта беше заокружена со концертен настап на оркестарот „Дива“, кој внесе дополнителна свеченост и емоција во одбележувањето на овој значаен празник.
Образованието останува еден од најважните приоритети на локалната самоуправа, со континуирана поддршка за учениците, наставниците и образовните институции, како вложување во иднината на градот и државата.
„Нека делото на светите просветители продолжи да биде наша светлина, инспирација и патоказ кон подобра иднина“, беше пораката испратена од свечената академија.




