Општина Крива Паланка продолжува со акции за отстранување на отпадни возила

Општинската инспекциска служба и МВР – Сектор за сообраќај при ПС ОН Крива Паланка, во текот на изминатата недела, спроведоа координирана акција за отстранување на хаварисани, отпадни и нерегистрирани возила од јавните површини во урбаното подрачје и приградските населби.

Во рамки на акцијата беа евидентирани 20 возила чија употребна функција е престаната, а кои незаконски узурпираат јавен простор.

Акцијата се спроведува согласно Законот за управување со посебни текови на отпад („Сл. весник на РСМ“ бр. 216/21 и 195/22) и член 63 од Законот за безбедност на сообраќајот.

Инспекциските служби и униформираните лица од МВР поставуваат соодветни налепници со известување на возилата што треба да бидат отстранети, при што на сопствениците им се дава рок од 10 дена за нивно дислоцирање. Воедно, инспектор за животна средина или комунален инспектор изготвува записник, а писмено известување се доставува и на адресата на сопственикот.

Доколку по истекот на рокот возилото не биде отстрането, инспекциските служби изготвуваат Решение за опомена со дополнителен рок од 5 дена. Ако и по овој рок сопственикот не постапи, до МВР се доставува известување за одјавување и отстранување на возилото.

По истекот на дополнителниот рок, отпадното возило го презема овластен колективен постапувач, кој го подига и дислоцира на соодветна локација.

Истовремено, против сопствениците на отпадните возила ќе биде поведена инспекциска постапка со изрекување глоба во износ од 250 евра, согласно член 67 од Законот за управување со дополнителни текови на отпад.

Во текот на 2025 година, на овој начин од јавните површини биле отстранети 43 возила.

Општина Крива Паланка апелира до сите граѓани кои поседуваат вакви отпадни моторни возила, а ги чуваат на јавни површини, да ги дислоцираат или отстранат во најкус можен рок.

Големина на фонт
Контраст