Општина Крива Паланка денес беше домаќин на официјална делегација од Амбасадата на Украина во РС Македонија, предводена од нејзината екселенција, амбасадорката Лариса Дир, во придружба на заменик-амбасадорот Дмитро Керечанин. На средбата со градоначалникот Сашко Митовски беа разгледани можностите за унапредување на меѓусебната соработка и продлабочување на партнерските односи меѓу двете пријателски земји.
Средбата беше реализирана по иницијатива на Амбасадата на Украина, при што беа презентирани повеќе иницијативи и можности за развој на соработката во областа на економијата, културата, образованието, науката и локалниот развој. Посебен акцент беше ставен на соработката со збратимениот украински град Перечин, како и на можностите за реализација на заеднички проекти и иницијативи во претстојниот период.
Во рамки на разговорите беа разменети мислења и за досегашните билатерални односи меѓу двете земји, кои се темелат на традиционално пријателство и конструктивно партнерство, при што од двете страни беше изразена подготвеност за нивно натамошно зајакнување преку конкретни активности и меѓународни соработки.
Градоначалникот Митовски изрази благодарност за пријателската посета и за упатените покани за учество на претстојниот меѓународен настан во Кијив, како и за одбележувањето на Денот на градот Перечин, нагласувајќи дека Општина Крива Паланка останува активно посветена на градење и унапредување на партнерствата со меѓународни институции, пријателски општини и збратимени градови.
На средбата беше истакнато дека постојат значајни можности за понатамошна размена на искуства, реализација на заеднички проекти и продлабочување на соработката на локално и меѓународно ниво, со цел создавање нови развојни перспективи за двете заедници.








